Апелациониот суд во Штип одлучува дали поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев ќе останат во куќен притвор или ќе одат повторно во затворски притвор откако Обвинителството поднесе жалба на одлуката на Судот во Кочани, на двајцата поранешни градоначалници да им биде одредена поблага мерка. Куќен притвор е одреден и за поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димеска, но за неа Обвинителството не поднесе жалба бидејќи биле изнесени околности и причини за тоа. – По донесените 24-решенија за определување на мерката притвор, беа поднесени 22-дваесет и две жалби од осомничените. По жалбите постапуваше Совет од тројца судии (од член 25 став 5 од ЗКП) на Основен суд Кочани и одлучи за 19-деветнаесет осомничени жалбата да се одбие и остане определената мерка притвор, додека за 3-тројца осомничени мерката притвор е заменета со куќен притвор,и согласно член 144, чл. 146 став 1 т. 3 од ЗКП е определена и мерка на претпазливост -привремено одземање на патна или друга исправа за преминување државната граница односно забрана за нејзино издавање – појаснуваат денеска од Основниот суд во Кочани.
Во притвор останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.