Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип денеска извршил увид во Вишото јавно обвинителство Скопје и обезбедил докази во постапката за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и малтретирање во вршење на службата поведена против јавен обвинител. – Јавниот обвинител и стручни соработници од ОЈО Штип ги документираа податоците внесени во уписниците и начинот на внесување на предметите. Притоа, се вршеше и споредба со исказите на оштетените лица – пријавители за начинот на кој наведуваат дека се интервенирало при распоредување на предметите, соопштија денеска од Обвинителството.
Увидот во документацијата, се вели во соопштението, е извршен во целост во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка и за истиот ќе биде изготвен записник со констатации за сите присутни лица. Штипското обвинителство по цели седум месеци отвори постапка против доскорешниот шеф на Вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулахи, по пријавите за мобинг од неколку вработени во Обвинителството, сите жени, поднесени лани во јули. Хајрулахи пред неколку недели беше суспендиран од страна на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради сторени „тешки дисциплински повреди“. Во меѓувреме, Владата донесе одлука да го разреши Коцевски, кого го обвинува за незаконско работење.