Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговарале околу час и половина, а откриени се првите детали од важниот разговор. По изјавата на руската страна набрзо по разговорите, Белата куќа објави дополнителни информации околу тоа што се договориле рускиот и американскиот лидер. Русија и САД се договориле за размена на воени заробеници. Станува збор за 175 затвореници, пренесе „Си-ен-ен“. Кремљ претходно соопшти дека претседателот Путин наредил во следните 30 дена да запрат руските напади врз украинската енергетска инфраструктура.
„Разговорите ќе започнат веднаш, на Блискиот Исток. Денеска, претседателот Трамп и претседателот Путин разговараа за желбата и потребата за мир и прекин на огнот во Украина. И двајцата се согласија дека е потребен траен мир. Тие ја истакнаа потребата за развој на билатералните односи меѓу двете земји. Овој конфликт никогаш не требаше да започне и требаше одамна да заврши. Лидерите се согласија дека прекинот на огнот треба да започне со прекин на нападите врз енергетските системи, како и технички преговори кои вклучуваат прекин на огнот во Црното Море. Тие разговараа за Блискиот Исток како локација за преговори, како и за ситуацијата во тој дел од светот. Се согласија дека Иран не смее да биде во позиција да го уништи Израел. Се согласија да развијат подобри и посилни билатерални односи меѓу Америка и Русија. Ова вклучува економски договори и геополитичка стабилност“, пишува во соопштението од Белата куќа.