Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротиставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден. Овој 8 Март прогласуваме женски бојкот и повикуваме на женски марш за слобода и автономија од силеџискиот систем, ова е наведено во повикот што го објави Платформата за родова еднаквост, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
„Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира улиците, домовите, болниците, училиштата, институциите, јавните простори и социјалните медиуми и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината. Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената“, пишува во објавата на Платформата. Оттаму повикуваат на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
„Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување. Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места. Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат“, се додава во објвата. Оттаму, в сабота најавуваат колективен бојкот на големите маркети, ланци и трговски центри кои, како што е наведено, преку вештачки наметната инфлација, доведуваат до раб на егзистенција.
„Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување. За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи. За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите. Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности“, пишува во најавата.