Јавниот обвинител Љубомир Коцевски кој беше под закана дека ќе биде сменет од актуелната власт, вчера ја затвори истрагата за пожарот во Кочани без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, посочи денеска СДСМ на прес-конфереција.
– Христијан Мицкоски ги искористи сите механизми на власта, закани, уцени и притисоци со единствена цел да ги заштити своите луѓе, односно оние кои се најодговорни за трагедијата која го снајде Кочани, а тоа се актуелните функционери на власта. Со што Мицкоски ли го држи Коцевски под своја целосна контрола, рече на прес-конференцијата Каја Шукова, потпретседателка на партијата.
Според неа, денес е јасно дека правда нема најавувајќи дека ќе изнесуваат клучни докази кои, рече, „очигледно се кријат за да се заштитат оние од власта“. Прво заштитено лице, рече Шукова, е Дејан Салтировски.
– Обвинителството мора да одговори: Дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката Пулс треба да бидат затворени? Ова е спротивно на стандардните операциски процедури. Прашуваме кој бил потпишан на таквата наредба? Зошто ако обвинителството поседува ваков документ нема ниту еден обвинет актуелен полициски функционер од таа вечер? Понатаму, Обвинтелството и власта мора да одговорат зошто нема обвинение против тогаш актуелниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски? Тој знаел или морал да знае дека во наредбата за акциска контрола спротивно на СОП стои дека ќе бидат затворени вратите во дискотеката Пулс?!, рече потпретседателката на СДСМ.
Исто така праша зошто обвинителството не го објави јавно видеото на кое се гледа началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски, во периодот 12:30 до 01:20 част пред дискотеката „Пулс“ во Кочани.
– Дали обвинителството го праша Салтировски што барал во овој период пред дискотеката и зошто полицијата не влегла да врши акциска контрола како што било предвидено во 12:30 часот кога започнува забавата наместо на крајот од истата? Дали Дејан Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа или за тоа постојат конкретни докази и дали тој е заштитен од кривичен прогон затоа што е во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто, еден од најблиските соработници и бизнис партнери на Христијан Мицкоски со кој градеше хидроцентрални и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот Делчевски ниви, праша Шукова.
На прес-конференцијата таа прашува и дали Дејан Салтировски е заштитен лично од Панче Тошковски кој бил негов адвокат и „не само што правно го застапувал туку како вработен во гранична полиција на полицајците им нудел потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски со цел да испумпуваат пари од буџетот на државата“.
– Дали е точно дека Дејан Салтировски подолго време не можел да добие безбедносен сертификат и ако е така како е можно да биде поставен на една така висока позиција во МВР, праша Шукова посочувајќи дека мајките завиени во црно и повредените заслужуваат правда.
СДСМ го повикува обвинителството да се ослободи од, како што рече таа, „стегите на власта затоа што селективната правда е неправда“.