Во време кога животот е сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат за да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив – драстично поскапување на парното греење од над 5 отсто, изјави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова. -Ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти. Над 200.000 граѓани во Скопје ќе добијат зголемени сметки за парно, и тоа поради барање на државната ЕСМ – истата таа компанија што Владата ја контролира.
Според неа, квалитетот на парното е катастрофален.
-Радијаторите се млаки, чести се прекините во снабдувањето и оваа година имаме најслаб квалитет на испорачана топлинска енергија досега. Граѓаните плаќаат повеќе за услуга која е се полоша! Дополнително, ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа. Граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што значи дека загадувањето ќе расте! Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, таа со оваа мерка ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија. Во услови кога Скопје е прв на листата на најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот, ни здравјето на граѓаните не ѝ се приоритет – рече таа.