Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со уште една сигурна победа го продолжи походот кон титула на Ролан Гарос. Синоќа, на терените во Париз, Ѓоковиќ без загубен сет го совлада Австриецот Филип Мишолиќ со 3:0 и се пласираше во осминафиналето на вториот гренд слем сезонава.
Со овој триумф, српската легенда стигна до 99. победи на Ролан Гарос, а веќе во понеделник ќе има историска шанса да ја запише и јубилејната 100-та. Неговиот следен противник ќе биде Британецот Камерон Нори, против кого неодамна славеше и во полуфиналето на АТП турнирот во Женева. Минатата недела, Ѓоковиќ стигна до уште еден значаен рекорд и ја освои својата 100-та АТП титула, триумфирајќи токму во Женева. Ако утре успее да го совлада Нори, во Париз ќе запише уште една „стотка“, овој пат во победи на еден од најпрестижните турнири во светот.