Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека денеска во населбата Пинтија, кај Скопје, се случи еколошка хаварија во објект за производство на стиропор. Според неговата објава, фабриката поседува елаборат за заштита на животната средина издаден и одобрен од Град Скопје уште на 31.12.2021 година (број 08-10300/4). Меѓутоа, поради дефект на вентил, дошло до истекување на хемикалии што се користат во производството, предизвикувајќи загадување во овој дел од општината.
Иако тоа не е во рамки на надлежностите на општината, од таму во соработка со Противпожарната бригада обезбедиле пилевина и песок за да се спречи пролизгување на местото на хаваријата. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и ја констатираа хаваријата, по што апелираат до Градот Скопје и другите надлежни институции да преземат соодветни мерки согласно законските обврски. Градоначалникот истакнува дека граѓаните немаат причина за вознемиреност затоа што се преземени сите неопходни мерки за заштита.