Сите повредени во пожарот кои биле на лекување во странство, во македонските болници и на домашно лекување, од утре во следните 4 дена треба да се јават за здравствена евалуација во Општата болница во Кочани. Целта е, како што рече денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, да се утврди состојбата на секој пациент одделно и потребата од натамошна рехабилитација, нега и помагала. „Во следните 4 дена, тим од специјалисти од КАРИЛ, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ и од Клиниките за пластична хирургија и токсикологија ќе вршат еваулација на пациентите. Апелираме до сите да дојдат. И тие што не биле повредени и не биле хоспитализирани, сите да дојдат во Општата болница во Кочани“, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
Уште едно сведоштво Еден од повредените во пожарот пак реагира дека се заборавени од системот и дека морале на приватно да си купуваат „колаген“, ортопедски помагала или пак да прават снимки во приватни болници. „Сите ние кои бевме во несреќата и сме повредени, а не бевме хоспитализирани сме оставени непроцесирани во системот. Јас сум со скинати лигаменти, по несреќата, сите знаете како беше ситуацијата – болниците беа преполни, и сите ние кои немаше потреба да сме хоспитализирани, бевме во домашни услови. Немав проблем да сум на домашна нега, ама моето лекување испадна дека трае подолго од очекуваното, и мојата повреда е посериозна од што мислев. Од несреќата во ‘Пулс’, еве два месеца подоцна, јас уште не сум физички способен да одам на работа, и уште сум на лекување. Редовно одам на физикална, и одам во Скопје да примам терапии, кои тука не се достапни“, пишува Томислав во писмото кое го пренесува граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“.
Вели дека купува лекарства колагени за 3.600 денари, една инјекција за 8.000 денари, витамински терапии за 4.000 денари, ортопедски помагала за 3.500 ден. „Има деца кои се со набиени ребра, има деца кои се со скршеници на раце, нозе. Сите трошоци си ги покриваме ние самите, а од ден во ден се зголемуват и воопшто не се малку. Не е само поради мене, ама се замисливме колкава е бројката на луѓе кои се вака запоставени од државата. Нема ли да ни ги рефундират барем средствата? Лекарствата кои ние ги примаме и количините кои ги примаме се скапи. Магнетна резонанца правев во приватна клиника поради итноста на ситуацијата, лековите кои ми ги препишаа ги купувам на приватно и не подлежат на рефундација од Фондот за здравство. Третманите е пожелно да продолжат со бањи со минерална вода и соодветен третман, кој ќе донесе доста високи дополнителни трошоци“, додава тој.
Во изминатиот период тим експерти од Велика Британија спроведоа интензивни обуки на 45 здравствени работници за физикална и психолошка рехабилитација на пациентите, соопшти меѓудругото денеска Андовски. По нивна препорака, рехабилитацијата на повредените ќе биде во Кочани за да бидат поблиску до својот дом. „Обуките беа спроведени во пет јавни здравствени установи, во Клиниката за пластична хирургија, физикална медицина во ГОБ “8 Септември” и во болниците во Штип и Кочани. По препорака на англиските експерти рехабилитацијата ќе биде во Кочани за повредените да бидат поблиску до својот дом“, истакна Андовски. Во моментов уште 11 пациенти се лекуваат во странство. Од нив во Грција се тројца и тие се во добра, стабилна состојба, во Србија се четворица пациенти исто така во добра состојба, во Австрија е еден, стабилен и сместен на одделение, во Словенија е еден кој веќе посетува рехабилитација, а во Турција се двајца пациенти префрлени на одделение, на кои редовно им се прават преврски, рече Андовски.