Голем интерес за избор на нови членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, седум години од изборот на сегашниот состав кој доби неограничен мандат до нов избор, бидејќи во Собранието немаше двотретинско мнозинство. Програмскиот совет низ годините се соочи со големи критики за политизација на единствениот јавен радиодифузен сервис на државата.
Нови имиња, но и тековни членови на советот, како сегашната претседателка Смилка Јанеска Саркањац и нејзиниот заменик Ведат Мемедалија, 24 кандидати денеска ја бранеа својата кандидатура во Собранието, а неколку од нив се дел од Советот веќе 11 години. Собранието треба да избере 13 од нив да бидат дел од раководството на МРТ во наредните пет години. При поднесувањето на своите апликации, кандидатурата на 13 пријавени беше отфрлена поради недостиг на потребната документација, а пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, ги оспори кандидатурите на сегашните членови Саркањац, Мемедалија, Рамадани и Панов, бидејќи доколку би биле избрани, тие би биле во Програмскиот совет 16 години, односно повеќе од два мандата дозволени со Законот.