Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, давајќи отчет за безбедносните контроли, пред медиумите рече дека двата популарни ноќни клубови „Пјур“ и „Мош“ одбиваат соработка со општината. – Морам да кажам дека два ноќни клубови не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите Пјур и Мош. Не соработуваат. Дури за едниот клуб, колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетил сопственикот го прашал зошто доаѓа? Вика, затоа што законот така бара…
Тој му одговорил дека и тој бил закон! Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови се сива еминенција во средините каде што живеат и си дозволуваат малку повеќе од тоа што треба, рече Јакимовски. Градоначалникот додаде дека сепак неговата локална самоуправа нема да се откаже додека не се спроведат детални контроли. – Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти, нагласи градоначалникот Јакимовски.