Во вчерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“, гостуваше пратеникот Александар Јамалов, кој зборуваше за тоа како е започната процедурата за финансиска поддршка на стопанството, кои се условите за заемот од унгарскиот кредит, наведувајќи дека средствата можат да се искористат исклучиво за директни инвестиции кои ќе влијаат на развојот на целото стопанството. Пратеникот најпрво истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ поттикнала побрза реализација на финансиската поддршка за стопанството и ги образложи детално условите за кредитот и на кој начин можат да се искористат средствата, истакнувајќи дека овој кредит е наменски, за инвестирање во стопанството.
„Во минатото се случувало задолжување на Република Македонија и зголемување на задолженоста, но не знаевме каде одат тие пари, значи тие пари одеа само за социјални трансфери и за купување на социјален мир пред избори, за разлика од сега овој кредит е наменски, инвестициски кредит, стриктно за инвестирање во стопанството. Е сега условите за овој кредит се 1,95% каматна годишна стапка, минимум 20% учество на самите фирми инвеститори, три години грејс период во кој каматната стапка нема да ја исплаќаат корисниците и петнаесет години отплата на самиот кредит. Кредитот не може да се користи за обртни средства или за рефинансирање на стари долгови, тука стриктно за инвестиции односно за основни средства, дали ќе бидат тоа градежни, дали ќе биде тоа во машини, сето тоа спаѓа во инвестиција која многу значи за понатаму, за развивање на целото стопанство“, вели Јамалов. Во поткастот, пратеникот во фокусот ја стави и заинтересираноста на приватниот сектор за искористување на средствата од кредитот, што би довело до раст на економијата и зголемување на куповната моќ на граѓаните.
„Самата кредитна линија претставува инвестициски бум, според заинтересираноста на голем број на фирми да бидат вклучени во овој кредит, доаѓаме до ситуација каде што самата економија ќе се придвижи, е сега има од повеќе страни, со самата економија со самото инвестирање, се вклучуваат и други секундарни вложувања во повеќе фирми, купување на машини, купување на градежни материјали, тоа е трајно тоа ќе остане. Со самото инвестирање во нови производствени погони се зголемува и бројот на вработеноста, односно се намалува невработеноста, со самото зголемување на побарувачката на работна сила, ние ја креваме природно цената на трудот, значи зголемување на самата цена на трудот и зголемување на платите и со тоа придонесуваме за куповната моќ на граѓаните“, рече Јамалов. Исто така пратеникот Јамалов ја истакна и големата заинтересираност на преработувачката индустрија, односно кај производителите, потенцирајќи дека е од суштинско значење, со оглед на тоа што како се зголемува производството паралелно се зголемува и бруто-домашниот производ.
„Производството колку повеќе се зголемува, толку се зголемува и бруто-домашниот производ, за разлика од увозниците, тука ние имаме бенефит пошто директно ги финансираме и ги помагаме нашите производствени капацитети, односно домашните компании, со тоа се зголемува бруто-домашниот производ со тоа се зголемува побарувачката на работа сила, се крева цената на трудот, така да овој кредит е многу поволен и е една инјекција во стопанството која ќе придонесе за зголемување на инвестициите, не само на странските директни инвестиции туку и на инвестициите на домашните производствени капацитети. Така да бруто-домашниот производ очекувам во наредниот период да не биде 3,2%, туку да одиме до стапката 5% која беше едно од нашите ветувања во предизборната кампања“, истакна Јамалов.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ