„Гарантирам дека ниту еден единствен наставник нема да остане без работа. Да, ќе бидат повеќе ангажирани, за да се искачат нашите деца на меѓународните тестирања неколку места нагоре. Наставниците по филозофија нема да останат без часови, филозофијата, согласно Нацрт-Концепцијата е задолжителен изборен предмет“, рече министерката Јаневска. Бирото за развој на образованието (БРО) ја изготви Нацрт-концепцијата за гимназиско образование. Јавната дебата е во тек. Ги следам писмените реакции што стигнуваат, се среќавам со претставници на образовни институции, со ученици и со родители. Ова го одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на поставените прашања поврзани со Нацрт-концепцијата за гимназиско образование, на денешната собраниска седница.
Според неа, во однос на предложената концепција има „многу позитивни реакции“. „Секако, ќе има собраниска јавна расправа за Концепцијата, на која јас, како министерка, ќе ја бранам. Сите аргументирани барања ќе бидат прифатени“, изјави Јаневска. Министерката појасни дека на минатонеделната средба на Филозофскиот факултет во Скопје, со претставници на катедрите, била водена конструктивна дискусија и било договорено во рок од 10 дена да достават забелешки за Нацрт- Концепцијата. „Забелешките што ги слушам не се однесуваат на самата Концепција, туку на наставниот план и програмата, односно на бројот на часови. Дел од наставниците се плашат дека ќе останеле без работа. Гарантирам дека ниту еден единствен наставник нема да остане без работа. Да, ќе бидат повеќе ангажирани, за да се искачат нашите деца на меѓународните тестирања неколку места нагоре. Наставниците по филозофија нема да останат без часови, филозофијата, согласно Нацрт-Концепцијата е задолжителен изборен предмет“, одговори министерката Јаневска.
Таа рече дека реформата на гимназиското образование следи по 24 години и затоа „не може сега да се бара ништо да не се менува во наставниот план и наставната програма“. „Неопходни се промени. Начинот на којшто треба да предаваат наставниците, методите кои треба да ги користат, треба да бидат многу различни. Учениците треба да работат интерактивно, треба да се реорганизира училница за децата да почнат поинаку да работат. Не може да седат еден зад друг, зад грб, за да можат да научат. Треба меѓусебна интеракција, со наставниците, треба да им обезбедиме електронски средства не само смарт табла, за да настане промена. Но, и наставникот треба да научи како да го спроведе часот. Оваа концепција тоа го бара. Учениците да бидат во центарот, а наставниците да се вистински нивни учители. Убедена сум дека нашите наставници имаат голем капацитет и дека тоа за нив нема да биде проблем“, рече Јаневска. Јаневска посочи дека за обука на наставниците се предвидени 2 милиони евра, но дека ако има потреба, ќе се обезбедат онолку средства колку што треба. Извор: Новинска агенција МЕТА