Оваа година очекувам се да помине во ред и мир, со многу помалку несакани дејствија односно препишување, што се случуваа во минатото. На учениците им пожелувам среќа и успех и успешна кариера – или на факултетите или на пазрот на трудот, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска претпладнево, на почетокот на полагањето на првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик и литература. Во 10 часот денеска почна полагањето на првиот дел од државната матура во средните училишта односно во амфитеатрите на факултетите за оние училишта кои немаат просторни услови. Јаневска го посети Земјоделскиот факултет при УКИМ каде што полагаат матурантите од училиштата „Марија Кири Склодовска” и „Димитар Влахов”, како што рече, на увид како се одвиваат процесите.
-Се е во ред, им благодарам на Земјоделскиот факултет и на сите други факултети и другите универзитети што излегоа во пресрет на образовните систем. На учениците им пожелувам успешно полагање и добар успех. На тестаторите и набљудувачите им порачувам да си ја извршуваат својата работа одговорно и нагласувам дека законската регулатива е зајакната и не очекувам никој да влезе во ризик за да поднесе некакви санкции, рече Јаневска откако ги посети матурантите што денеска полагаат на Земјоделскиот факултет. На учениците им порача дека ова е составен дел од нивното образование и оти „нема потреба од какви било стресови”.
-Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година. На учениците им пожелувам среќа и успех и успешна кариера – или на факултетите или на пазрот на трудот, изјави Јаневска.