Министерката за образование, Весна Јаневска и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село.„Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“ – рече Јаневска.
Јаневска: Се залагаме за едносменска настава во сите училишта
Нагласи дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано. Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите.