Во општините во Брегалничкиот регион има 130 психолози на располагање за поддршка на учениците, студентите и на граѓаните, каде што има починати ученици и блиски во семејствата, како и повредени кои се на лекување, по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која беше во посета на неколку училишта во Штип, меѓу кои и во средното медицинско училиште „Јане Сандански“, каде има загинато тројца ученици, а четворица се повредени. Јаневска истакна дека психолозите се најмногу присутни на терен во Кочани но, како што рече, добро е што на почетокот имале 100, а сега се вкупно 130 психолози, кои се присутни меѓу учениците, студентите и децата во градинките во неколку општини во источниот регион. – Денеска сме присутни во средното училиште „Јане Сандански“, каде што во едно одделение имаме три жртви, а во друго одделение имаме повеќе повредени, кои се надевам дека брзо ќе оздрават и ќе се вратат заедно со нивните другари да продолжат да учат и да го продолжат животот. Дополнително јас би сакала да им се заблагодарам за мотивот и иницијативата, која поттикна од нив, но и мотивот да работат во вакви тешки услови за благосостојба на младите. Затоа што нема поважно од тоа секако и за наставниците и родителите, но и за младите – рече Јаневска.
Во координација со повеќе институции, како што додаде, бесплатно се нудат психолошки терапии на сите на кои им е потребно. – Институциите кои имаат надлежност и обврска да функционираат во вакви моменти кризни функционираат во координација, па така и МОН во координација со комората на психолози, Институтот за психологија, УНИЦЕФ и Црвениот Крст организира присуство на психолози во кризните подрачја. Се разбира дека тие се најмногу присутни во Кочани, но добро е што од минатата недела имавме 100, а сега имаме 130, па се присутни тука и во Штип – вели Јаневска. Центар за советување на млади има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип. Дополнително од претходната недела се прават проверки по училиштата, градинките, државните училишта дали има соодветни апарати за справување со катастрофи. -На УГД исто така има отворено центар за советување на млади, всушност збирно место на психолози, каде тие се среќаваат, прават план и продолжуваат да работат низ градот, а секако и таму индивидуално да работат. МОН минатата недела испрати писмо до општините и до државните училишта да се направи дополнителна проверка на безбедносните системи, да се види дали има процена на ризик од катастрофа, дали има план за справување со катастрофа и дали опремата која е потребна како ПП апарати, хидранти и слично ја има во училиштата – изјави таа. Согласно изјавите од ЗЕЛС изминатиот период се потврди дека најголем дел од училиштата ги имаат сите неопходни работи за справување со евентуална катастрофа.