„Во 2020 година бев избран за претседател на Комисијата за животна средина, и тука некако во целиот тој нов поставен систем на Унија на млади сили, се најдовме во идеја за работа и постигнување на повисоки и поголеми цели во однос на животната средина. Што би значело подобра животна средина и поквалитетен живот за младите во Македонија, односно и за нас како млада генерација, но и за идните генерации коишто доаѓаат после нас“ , прецизираше во своето излагање претседателот на Комисија за животна средина при Унија на млади сили, Младен Јаневски во гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Унија на млади сили“ осврнувајќи се на тема животна средина, актуелни проблеми, како и активности кои се преземаат за животната средина во којашто живееме.
Јаневски објасни дека за време на претходната власт предводена од СДС, запрени биле процеси коишто значеле заштита или подобрување на квалитетот на животната средина. Според него изминат е период на хибернација и стагнација и од таа причина УМС на ВМРО-ДПМНЕ како комисија која е надлежна по ова прашање направиле промена, односно извршиле мапирање на предизвици со коишто се соочуваат, а се дел од животната средина, со цел решавање на истите.
„Со промената на власта во 2017 година застанаа сите процеси коишто значеа зачувување или подобрување на квалитетот на животната средина.
Бевме во период на хибернација, стагнација кога станува збор за заштита на животна средина, што на нас како граѓани многу ни штети секојдневно. Ние тогаш како Унија на млади сили, како комисија надлежна по ова прашање се решивме да мапираме, односно да ги пронајдеме проблемите во општеството коишто се дел од животната средина. Со цел, да создадеме подобри решенија, подобра програма, подобри планови за иднината на државата. Ги мапиравме проблемите ние како подмладок, носители на онаа теренска борба каде што можеме како политички подмладок да направиме промена. Мапиравме многу проблеми коишто во тој период беа создадени. Од диви депонии, испразнети акумулации на вештачки езера, загаден воздух се до престанокот на пошумување. Дојдовме до креирање на една многу квалитетна програма во делот на животната средина којашто сум сигурен дека голем дел, ако не во целост во наредниот период ќе биде исполнета“, истакна Јаневски.
Јаневски ја поздрави склучената соработка помеѓу ЗЕЛС и министерство за животна средина и просторно планирање. Дополнително, тој испрати порака дека сите ние како општество можеме да направиме одреден придонес кон заштита на животна средина и од нас зависи колку реално ќе бидеме посветени на зачувување и подобрување на животната средина која е наш заеднички дом.
„Ќе ја споменам сорабтката помеѓу ЗЕЛС и министерство за животна средина и просторно планирање, со којашто треба на територија на цела Македонија да се собира кабаст отпад, којшто ќе биде соодветно собран, селектиран и одложен онаму каде што тој навистина припаѓа. Како подмладок на оваа политичка партија и како млад граѓанин ја поздравувам таа соработка и се надевам и дека и во иднина ќе продолжи, па дури и за поголеми проекти каде што навистина имаме што да работиме“, заклучува Јаневски.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ