Шпионски трилер со Украина, „раскин со менталитетот на мирот“, воена објава кон опозицијата – Унгарија доживува историски денови на немир. Ќе ја поведе ли Виктор Орбан земјата по патот на диктатура од руски тип? Шпионски трилер, војна меѓу тајните служби и дипломатско ледено доба со Украина, како и сомнителни истраги против најзначајниот внатрешнополитички противник на системот на Орбан – Унгарија доживува денови кои не се само медиумски бомбастични. Тоа се, пред сè, денови со историска тежина, во кои може да се одлучи дали земјата ќе се врати кон слободата и демократијата, или, со премиерот Виктор Орбан, ќе зачекори по патот на диктатура од руски тип.
Што се случи? Во петокот (9 мај 2025), украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека во регионот Транскарпатија, кој се граничи со Унгарија, уапсила двајца украински државјани осомничени дека шпионирале за Унгарија. СБУ објави видео-снимки и сподели низа детали, меѓу кои и прислушувани телефонски разговори и наводно признание од еден од уапсените. Според обвинувањата, тие по налог на унгарската тајна служба собирале информации за воени единици во Транскарпатија – нивните локации, опрема и движења. Дополнително, имале задача да испитаат дали во регионот може да се купи оружје на црниот пазар, како би реагирало локалното население во случај на унгарска инвазија, како и каде се слабостите на копнената и воздушната одбрана. Најниска точка во односите
Ова е првпат Украина да апси наводни унгарски шпиони. Инцидентот се случува во период кога односите меѓу Украина и Унгарија се на најниско ниво во последните три и пол децении. Унгарската влада реагираше за неколку часа. Веќе во петокот, министерот за надворешни работи Петер Сијарто протера двајца украински дипломати, обвинувајќи ги за шпионажа; Украина возврати со протерување на двајца унгарски дипломати. Ова е првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Украина и една членка на НАТО да достигнат вакво ниво на конфронтација. Скандалот добива дополнителна тежина бидејќи само неколку дена претходно во Унгарија се појави аудиоснимка од доверлив говор на унгарскиот министер за одбрана, Кристоф Салаи-Бобровнички, од април 2023 година. Снимката ја објави Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса и главниот ривал на Орбан на претстојните парламентарни избори напролет 2026 година.
Во случајот на Петер Маѓар, овој наратив досега не постигна резултат. Ниту неговата, ниту популарноста на партијата Тиса, не се намали значајно. Поради тоа, се чини дека унгарската влада се обидува да го нападне Маѓар и на друг начин – по руски пример, слично како што режимот на Путин постепено го уништуваше опозицискиот лидер Алексеј Навални преку судски процеси. Маѓар сега е обвинет за наводна злоупотреба на инсајдерски информации при тргување со акции. За тоа, засега, не постојат цврсти докази. Сепак, Унгарската народна банка (МНБ) го испитува случајот, а државното обвинителство води истрага. Случајот стана јавен уште во средината на февруари, а сега наводно се појавиле и докази. Државните медиуми во Унгарија веќе известуваат за казната што би можела да го снајде Маѓар – до пет години затвор.