Целта ние е со развојот на циркуларна економика значително да се намали количеството отпад што завршува на депониите, а вредните материјали да се вратат во производството, порача министерот за животна средина Изет Меџити.Потенцијалите на циркуларната економија, управувањето со отпадот како ресурс, декарбонизацијата и примената на зелената енергија и дигиталните алатки се од суштинско значење за креирање одржлива иднина, рече денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на 6. Меѓународна конференција „Патот до одржливо управување со отпад“.Владата, напомена Меџити, останува цврсто посветена на воспоставување одржлив регионален систем за управување со отпад, развој на циркуларна економија преку селекција, рециклирање и повторно искористување на секундарните суровини.
– Целта е значително да се намали количеството отпад што завршува на депониите, а вредните материјали да се вратат во производството – напомена министерот.Според него, одржливото управување со отпадот и циркуларната економија се сериозен предизвик во време на интензивни климатски промени.
– Одлуките што денес ги носиме ќе го обликуваат животот на генерациите што доаѓаат. Отпадот веќе не го гледаме како товар, туку како ресурс со економски потенцијал. Со правилно управување можеме да создадеме вредност, работни места и чиста животна средина – подвлече Меџити.
Тој најави дека наскоро ќе почне изградбата на првата стандардизирана регионална депонија во Македонија, а во тој процес клучна ќе биде меѓуопштинската соработка. Истовремено, додаде, се работи и на расчистување на дивите депонии, а целта е Македонија да биде без ѓубришта.
Учесниците на конференцијата денеска и утре ќе зборуваат за современите принципи за управување со отпадот, за различните искуства, предизвиците и за најдобрите решенија. Истакнаа дека, бизнисот, Владата, граѓанскиот сектор и медиумите се подготвени да соработуваат за почиста Македонија.