ЈП Комунална хигиена–Скопје денеска започна со еко-предавањата и работилниците што во учебната 2023/2024 година ќе се реализираат во средните и основните училишта, како и во градинките на територијата на градот Скопје.
Еко-предавањата се одржаа во СУГС „Здравко Цветковски“, со учество на сто ученици од првите години што наставата ја следат на македонски и на албански јазик.
Учениците имаа можност да се запознаат со активностите на ЈП Комунална хигиена–Скопје и беа едуцирани како правилно да го одлагаат својот комунален отпад, кои се придобивките од примарната селекција на отпадот, како и штетните последици од создавањето диви депонии што директно ја загадуваат животната околина и го загрозуваат јавното здравје.
Воедно, во текот на денешниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена–Скопје спроведоа акција за генерално чистење на дворот на училиштето, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани приближно десет кубни метри кабаст и електронски отпад.