Во 2006 година тогашниот прв човек на републичкото обвинителство Александар Прчевски изјави дека е „веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител“, бидејќи ќе биде на ветрометина. На ветрометина сега е сè уште актуелниот јавен обвинител Љупчо Коцевски Јас сум веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител, е „историската“ изјава на сега починатиот Александар Прчевски, кој во 2006 година беше јавен обвинител. Оваа изјава е актуелна и денес, бидејќи власта, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, почна постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. – Со предлогот државниот обвинител да го избира Собранието по предлог на Владата, ќе продолжи досегашната практика, по смената на власта незаконски да се менуваат и обвинителите, затоа што се или не се припадници на одредена партија. Државниот обвинител повторно ќе биде на ветрометина и со смената на власта ќе остане на улица. Ако се усвои ова решение, веројатно веќе никој нема да сака да ја прифати оваа функција, а јас веројатно сум последната будала што ја прифатила – рече тогаш Прчевски.
Така и се случи, на местото на Прчевски дојде Љупчо Шврговски, него го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен кога на власт дојде СДСМ, предводена од Зоран Заев. Сега дојде ред на Коцевски, кој беше избран во Собранието со мнозинство гласови на СДСМ и ДУИ. Премиерот Христијан Мицкоски и власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, секојдневно ги критикуваа обвинителите, но потоа решија да му се даде шанса на Коцевски. Постапката за разрешување дојде откако Коцевски поради тешка дисциплинска повреда го суспендираше водечкиот двоец на Вишото јавно обвинителство, шефот Мустафа Хајрулахи и неговиот заменик Јован Цветановски. Иако разрешувањето на обвинителот првпат ќе биде според новиот Закон за јавно обвинителство, донесен во 2020 година, кој точно ги предвидува основите за разрешување на републичкиот обвинител, Владата има мнозинство да го „реши“ Коцевски, кого не може да го спаси ниту Советот на јавни обвинители, бидејќи Владата не мора да го почитува нивното мислење. -Министерството за правда е задолжено да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител. Оваа одлука е донесена поради сериозна разочараност од неговото постапување (на Коцевски), кое во одредени случаи е надвор од законските надлежности – велат оттаму.
Му најдоа причина за смена. Владата смета дека Коцевски незаконски постапил при именувањето на вршителот на должност шеф на Вишото јавно обвинителство, односно за назначувањето на Наташа Крстевска Цалевска за в.д. шефица на ова обвинителство, чиј претходен шеф, Мустафа Хајрулахи, беше суспендиран, иако Коцевски објасни дека назначувањето е од времен карактер. Но, и покрај објаснувањата на обвинителот дека ништо не е незаконски и правдањето на Советот на јавни обвинители, постапката е веќе почната и мислењето на Советот на јавни обвинители не го менува она што го наумила извршната власт. – Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Според тој распоред, лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога тој немал својство ниту на заменик ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен според закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител што времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје – истакна Коцевски. И претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска тврди дека оваа одлука е донесена законски. – Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство каде што вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата, Советот утврди дека е потребно во ова јавно обвинителство да се назначи обвинител што ќе раководи со Обвинителството. Таа одлука е едногласна – рече Димитриевска. Професорот Гордан Калајџиев смета дека власта, ако треба, и ќе му измисли дисциплинска повреда и смета дека со Коцевски е завршено. – Колку што се сеќавам, досега не утврдувале дисциплинска одговорност, туку ги разрешуваа поради слаби резултати. Сега конфликтот, внатре во ЈО, според мене, беше тоа што ја прели чашата. Така гледано, разрешувањето има повеќе смисла отколку обична смена на власта. За волја на вистината, чудо е како Коцевски воопшто го избраа. Јас прв реагирав дека е анонимен и неспособен да биде лидер во вака тешки времиња – вели Калајџиев за „Слободен печат“.
Калајџиев: Со Коцевски е завршено. Според него, друг проблем е дали некој сега воопшто ќе се нафати на таков предизвик. – Институција во распаѓање, притисоци од сите страни. Доволно е што има лоши меѓучовечки односи, плус слаби резултати – вели професорот. На прашањето како ќе се утврди дисциплинска повреда, со оглед на тоа што според новиот Закон за јавно обвинителство тоа може да биде една од основите за разрешувањето, Калајџиев потсетува на случајот кога беше разрешена поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска. – На Вилма ѝ измислија повреда што ја немаше. За тоа уво не ги боли. Со Коцевски е завршено – додава професорот. Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ ја објаснуваат постапката за разрешување на јавниот обвинител според новиот закон. – Според Законот за Јавното обвинителство, предлог за разрешување на јавниот обвинител на РС Македонија може да даде Владата. Пред да биде поднесен предлогот во Собранието, Владата е должна прво да побара мислење од Советот на јавните обвинители. Во конкретниот случај, Советот може да даде позитивно или негативно мислење во рок од 15 дена. Ако Советот не достави мислење во овој рок, тој може да се продолжи за уште 15 дена, а во случај Советот да не даде мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на РС Македонија. Понатаму, Владата го доставува предлогот со мислењето до Собранието, кое треба да отвори седница за оваа постапка – велат оттаму. Сега се чека да се види какво образложение на предлогот ќе има Владата и врз кои основи ќе се заснова предлогот за разрешување. Првиот основ е тешка дисциплинска повреда, а вториот основ е членување во политичка партија. – Со оглед на тоа што според законот, јавниот обвинител на РСМ се избира по предлог на Владата, со оваа законска поставеност секогаш постои можност секоја нова влада да иницира постапка за разрешување на јавниот обвинител и да даде предлог за избор на нов. Во ваквите ситуации, важно е Владата да даде соодветно образложение за ваквото постапување и цврста аргументација зошто е потребна ваквата промена. Притоа, мора да се напомене дека во ваквите процеси од исклучително значење е јасното образложение и транспарентно водење на целокупниот процес – велат од „Сите за правично судење“. Обвинувањата против Коцевски почнаа со промената на власта и откако Вишото обвинителство го воскресна предметот за „бонусите на СЈО“, предмет што беше отфрлен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Прво Хајрулахи го обвини Коцевски дека му вршел притисок да го затвори предметот за бонусите на СЈО, а Коцевски тврдеше дека обвинувањата се бидејќи наредил ревизија во Вишото јавно обвинителство. Обвинувањата и контраобвинувањата продолжија и резултираа со дисциплински постапки и суспензии на Хајрулахи и на Цветановски, но и со постапка за разрешување на Коцевски.