Во Сараево има ново зголемување на цените што особено ќе го почувствуваат љубителите на традиционалната кујна. Порцијата од десет ќебапи во некои познати ќебапчилници во Сараево се зголеми од претходните 376 на 439 денари, што го потврдија и апликациите за достава на храна, пишува Н1 на хрватски јазик. Тоа е еден од најпрепознатливите специјалитети на босанската кујна, кој е речиси неизбежен и кај локалните гости и кај туристите.
Новата цена, иако не е универзална за сите ќебапчилници, се применува во неколку угостителски објекти во Башчаршија. Според достапните податоци, новата цена важи за најпопуларните локации во стариот центар на градот, покрај кој секојдневно минуваат стотици туристи и локални гости. Цената на „петката“ – порција од пет ќебапи, сега е 219 денари. Додатоците како што се кајмак и јогурт, кои често го придружуваат овој вид оброк, дополнително го зголемуваат вкупниот износ што потрошувачите го издвојуваат за едно од најбараните јадења во градот.