Тагата што ја доживуваме овие денови е неизмерна. Кочани е завиен во црно, а 59 семејства ги изгубија своите најмили. Ова не е загуба само за нив, ова е загуба за сите нас. Утре ќе ги испратиме во вечноста, но за нивните семејства, пријатели и целата заедница, болката нема да заврши утре, напиша синоќа министерот за здравство, Арбен Таравари.
-Како лекар, како невролог, знам дека ваквите настани не оставаат само емоционална, туку и длабока невролошка и психолошка траума. Кога телото и умот доживуваат ваков шок, последиците може да бидат долготрајни, хроничен стрес, анксиозност, депресија, физички манифестации како несоница, главоболки, па дури и посттрауматско стресно растројство. Нивниот свет се промени засекогаш и затоа мора да им помогнеме да најдат сила да продолжат понатаму. Ги повикувам сите, институции, организации, поединци, да не останеме само на зборови на сочувство. Помошта мора да биде долгорочна, континуирана и професионална. Психолошката поддршка е од суштинско значење, затоа изразувам голема благодарност до сите стручњаци кои веднаш понудија помош, вклучувајќи ги Здружението на психолози и психијатри, Црвениот крст, граѓанскиот сектор, експерти. Оваа несреќа нè погоди сите. Денес сме должни да бидеме едни до други. Тагата е заедничка, но и силата што ја имаме како заедница треба да биде заедничка. Ги повикувам сите кои можат да помогнат. Нека нашата поддршка биде континуирана, затоа што болката не завршува утре. Во овој тежок момент, да бидеме луѓе. Да бидеме тука еден за друг- напиша тој на фејсбук.