Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на денешната прес-конференција за годишен отчет на сработеното, потврди дека ќе се испочитува законската должност за редовно зголемување на пензиите на полугодишно ниво, и покрај тоа што тие во изминатиот период добија линеарно зголемување од 5.000 денари.
– Го вративме на сила, и така беше предвидено, старото законско решение. Ќе продолжиме со истото и тука ќе имаме покачување. Чекаме да заврши месецот и да видиме колку ќе бидат точно премсетките за покачувањето на пензиите до крајот на годината, рече министерката.Димитриеска Кочоска рече дека зголемувањето ќе се пресметува по старата законска формула, односно тоа ќе биде процентуално, а не линеарно.
– Ако има промена, а до сега немам такви најави од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, тогаш би се променила формулата и би била линеарна, додаде таа.Министерката потврди дека со предлог-ребалансот на буџетот доставен до Собранието на Пензискиот фонд ќе му се префрлат уште милијарда денари, затоа што не се исполнети самофинансирачките таргети од придонесите.– Станува збор за неостварување на проектираните приходи во рамки на Пензискиот фонд и потреба од дополнително пренасочување на средства кон нив, додаде Димитриеска Кочоска.