Големите европски компании подготвуваат план Б – да ги преселат производствените погони во САД за да ги ублажат загубите. Европските производители на кафе стравуваат од американските санкции и во овој сектор, што може да доведе до зголемување на цената на овој производ, кој долго време е на рекордни нивоа и без дополнителен притисок. Така, италијанскиот производител на кафе „Иликафе“ пред неколку дена објави дека ја разгледува можноста за печење кафе во САД за да не мора да се грижи за поскапувањата што би можеле да настанат поради новите американски царини.
„Ние анализираме дали можеме да произведеме во Америка дел од кафето што го продаваме на американскиот пазар“, рече извршната директорка Кристина Скоча, додавајќи дека се надеваат дека тоа нема да биде потребно.
Таа посочи и дека тарифите, доколку се воведат, би биле многу тешки.
– Изградбата на производствената линија трае две години, така што решението треба да опфати изнаоѓање нов погон – истакна таа, пренесува порталот „Бизнис“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела изјави дека Европската Унија ги има сите инструменти на маса за да одговори на американските царини доколку е потребно.
– Европа не ја започна оваа конфронтација. Мислиме дека е погрешно. Имаме сè што ни е потребно за да го заштитиме нашиот народ и да напредуваме. Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме моќ да преговараме. Имаме моќ да одговориме на американските царини“, рече Фон дер Лајен.
Како што е наведено, со оглед на ширењето на трговската војна, не е чудно што некои производители, како „Иликафе“, се загрижени и сакаат да го обезбедат својот бизнис. Особено оние кои се занимаваат со производство на кафе, бидејќи откупните цени на суровините на светскиот пазар веќе значително растат. Аналитичарите очекуваат дека цената на кафето за крајните корисници оваа година би можела да се зголеми за 25 отсто. Глобалната цена на „арабика“, која вообичаено се користи во мешавини на мелено и печено кафе, порасна за повеќе од 20 отсто оваа година, откако веќе порасна за 70 отсто минатата година, бидејќи Бразил, производителот на речиси половина од светските резерви на „арабика“, претрпе една од најлошите суши во историјата. На прашањето како ќе ги коментира последните случувања во овој сектор и што може да се случи по воведувањето на царините, земјоделскиот аналитичар Жарко Галетин за „Политика“ вели дека пазарот на кафе е во неволја и пред потенцијалните санкции и дека цените на кафето и какаото растат поради проблемите со производството кај најголемите светски производители.