Фабриката на канадската компанија „Магна Мехатроникс“, ќе започне со работа во индустриската зона во Штип од следната недела, според најавите на премиерот Христијан Мицкоски. Фабриката за интегрирани системи од механички и електронски компоненти во автомобилската индустрија изградбата и инвестирањето го започна пред две години, кога беше најавено дека таму ќе се делат плати над националниот просек.
-Странски инвестиции секојдневно доаѓаат, разговараме и имаме некои петнаесетина што се во процес на развивање и очекувам од тие најмалку половината да бидат успешни, ако не и сите. Со задоволство можам да кажам дека оваа недела ќе почне со работа фабриката, производниот капацитет на „Магна“, странски инвеститор во Штип, со нови 500 – 600 вработени, добро платени вработени и со инвестиција што беше 45 – 50 милиони евра, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на струмичко Ново Село. „Магна“ е корисник на директна државна помош како странски инвеститор во технолошко-индустриските слободни зони.