Изградбата на патниот правец Тетово-Призрен, обнова на железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина како и изградба на заедничка железничка станица биле главна тема на разговорите на за време на денешната посета на министерот за транспорт Александар Николоски, заменик министерот за транспорт, Калтрина Зеколи Шакири и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски на Косово. Како што соопшти Министерството за транспорт во рамки на посетата е остварена средба со косовскиот министерот за транспорт Либурн Алију. Покрај средбата направен е и увид на неколку инфраструктурни проекти кои се работат во Косово.
„На средбата се отвори прашањето за железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина како и изградба на заедничка железничка станица која ќе ги олесни граничните постапки во делот на транспортот на добра и патници. Исто така на средбата се разговараше и за евентуалното патно поврзување и изградба на патниот правец Тетово-Призрен со изградба на зеднички тунел како гранична точка меѓу Македонија и Косово. Двете страни се согласиле да се формира работна група која ќе ги разгледа можностите за реализација на патот Тетово-Призрен“, се наведува во соопштението. Двете страни се согласија дека Македонија и Косово имаат добра економска и политичка соработка и ја потенцираа потребата оваа соработка да се интензивира во духот на добрососедските односи.