Општина Центар соопшти дека презема конкретни чекори за конечно решавање на спорниот простор зад зградата на улицата Киро Крстевски – Платник бр. 11. Благодарение на успешната соработка со една од банките, која ја имаше под хипотека оваа парцела, земјиштето ѝ е донирано на Општината. – Жителите на улицата Киро Крстевски Платник бр. 11 со години се спротивставуваа на обидите за узурпација на просторот зад нивната зграда, кој првично бил предвиден за паркинг, но подоцна незаконски добил маркица за градба. Во минатото, тие се соочија со насилни приведувања, притисоци и судири со инспекторите и полицијата, бранејќи го својот имот од градежна механизација – изјави Герасимовски на средбата со граѓаните кои живеат на таа локација. Со поддршка од истата банка, ќе биде покриен трошокот за рушење на нелегално изградената градба, додека Општината ќе го преземе расчистувањето на теренот. Со оглед на ограничениот пристап и специфичноста на просторот, целиот процес ќе се одвива во неколку фази, со ангажман на соодветна механизација.
Градоначалникот и службите веќе направија теренски увид, а следен чекор е заедно со жителите да се дефинира најдоброто решение за уредување на просторот. Наместо нова градба, целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, во согласност со барањата на граѓаните. – Денес, по 20 години борба, оваа неправда е конечно исправена. Со моја лична заложба како градоначалник и со поддршка од службите, Општина Центар успеа да го врати земјиштето во сопственост на општината. Нема да дозволиме никаква градба на оваа локација. Наместо тоа, во координација граѓаните, ќе обезбедиме похумано и уредено опкружување што ќе одговара на потребите на граѓаните. Ова е победа на жителите и доказ дека упорноста носи резултати – рече Герасимовски на средбата со граѓаните.