Европската вселенска агенција (ЕСА) информира дека нејзиниот телескоп ХММ-Њутон (XMM-Newton), како и телескопот на НАСА Свифт, забележале долги изблици на рендгенски или Х-зраци од црна дупка наречена Ански (Ansky), чија маса е неколку милиони пати поголема од масата на нашето Сонце. Наспроти популарната претстава за супермасивните црни дупки како тела со огромна гравитација кои постојано ја привлекуваат материјата околу нив, научниците утврдиле дека тие имаат и долги периоди на неактивност. Ова ги прави тешки за проучување, иако се претпоставува дека се релативно чести, односно дека ги има во центрите на повеќето галаксии.
Затоа новозабележаната активност на Ански, црната дупка која се наоѓа во срцето на далечната галаксија SDSS1335+0728, на 300 милиони светлосни години од нас во соѕвездието Девица, предизвика возбуда во научната заедница. По неколку децении неактивност, таа одеднаш почнала емитува силни блесоци на Х-зраци за кои нема преседан. Првите знаци на активност се појавиле во 2019 година, кога целата галаксија почнала да сјае, со што го привлекла вниманието на астрономите. По неколкугодишно проучување заклучиле дека зголеменото зрачење најверојатно се должи на „вклучување“ на црна дупка во јадрото на галаксијата, односно нејзино влегување во активна фаза. „Откако прво забележавме дека Ански сјае на оптички слики, ги насочивме кон него рендгенскиот телескоп на НАСА Свифт, а ги проверивме и податоците од рендгенскиот телескоп еРОСИТА, но во тој момент не можевме да најдеме докази за емисии на Х-зраци“ – изјави Паула Санчез Саез, истражувачка од Јужната Европска Опсерваторија од Германија, која го предводи тимот што прв го истражувал активирањето на оваа црна дупка, по што објавиле научен труд во списанието „Аstronomy & Astrophysicѕ“.
Арно ама, во февруари 2024 година, истражувачкиот тим од универзитетот Валпарисо од Чиле, предводен од Лорена Хернандез-Гарсија забележал дека Ански почнала периодично да емитува изблици на Х-зраци. Таа објасни дека се работи за редок настан за чие следење потоа биле ангажирани и специјалниот телескоп на ЕСА и три други телескопи на НАСА. Научниот труд кој ги опишува нивните истражувања е објавен на 11 април во списанието „Nature Astronomy”. „Ова е прв пат да набљудуваме нешто што изгледа како будење на црна дупка“ објаснила д-р Хернандез-Гарсија. Според неа, научниците сѐ уште не знаат што ги проучува ваквите изблици, а „проучувањето на Ански ќе ни овозможи подобро да ги разбереме црните дупки и процесот на нивна еволуција.“

„ХММ-Њутон одигра клучна улога во нашето испитување. Тоа е единствениот телескоп за рендгенски зраци кој е доволно осетлив да го детектира послабото зрачење со Х-зраци помеѓу изблиците. Со него можевме да го измериме степенот на замрачување на Ански, што ни овозможи да пресметаме колку енергија ослободува кога ќе почне да блеска,“ објасни д-р Хернандез-Гарсија. Според докторантот Јохин Чакраборти од МИТ од САД, член на астрономскиот тим, Ански тој емитува десетпати подолго и десетпати поинтензивно од типичното зрачење на црните дупки. Кога тие привлекуваат објекти кои ќе им се приближат преблизу, на пример од заробена ѕвезда или друга црна дупка, материјата се раскинува и се шири во вид на жежок, сјајен диск што се врти околу црната дупка со огромна брзина. За сега, не е со сигурност потврдено дали зрачењето од Ански е последица на уништување на ѕвезда, или пак има заробено облак од гас со помали небески тела кои реагираат на вртењето во дискот. Ерупциите на енергија кои ги забележуваат научниците од Земјата се стотици пати посилни од оние забележани во слични ситуации претходно. „Во моментов имаме повеќе модели од податоци, па ни требаат повеќе набљудувања за да разбереме што се случува“ изјавил астрономот на ЕСА Ерван Квинтин. Според него, податоците од телескопите кои следат Х-зраци треба да се споредат со податоците за гравитациски бранови за да може да се решат загадочните однесувања на масивните црни дупки. Извор: Новинска агенцуја МЕТА