Сега петмината адвокати на тројцата обвинети – Миле Јанакиевски, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски имаат право да се жалат, откако, според податоците што Телма ги доби од судот, барале вкупно 496.000 евра, а добиле три и пол пати помалку. Одбиено е барањето за трошоци за одбраната на екс премиерот Груевски, кому му се судеше во отсуство, а делото му застаре уште пред последните измени.
„Судот, постапувајќи по барањата, ги имаше во предвид Законските одредби од КЗ и фактот дека судот донесе решение со кое ја запре кривичната постапка, бидејќи Јавниот обвинител го повлече обвинението заради апсолутна застареност, а ги ценел и реално сторените трошоци, поткрепени со соодветни докази за нивна реализација кои се однесуваат на изготвените вештачења, награда за состав на писмената и награда за застапување и одбрана. Покрај исплата на трошоци за сите одржани расправи, каде се преземале процесни дејствија во предметот, судот досудил паушал и за одложените расправи, но само за присуство“, велат од Кривичен суд.
Но, покрај овие трошоци за буџетот, поради застарувањето, државата не може да ја наплати и штетата од 155 милиони евра што ја бараше обвинителството во овој предмет.Првото рочиште за „Траекторија“ беше закажано во декември во 2017 година, последното во ноември во 2023 година. За шест години предметот ниту еднаш не дојде до првостепена пресуда.
Пешевски, Јанакиески и Георгиевски одговара за злоупотреба на службената положба од ставот 5, за јавните набавки кој со измените е избришан. Груевски во овој предмет одговараше за друго дело – примање награда за противзаконито влијание кое застаре претходно.
Според информациите на Телма, на ред чекаат и други застарените предмети кои се во фаза на одлучување или пишување на одлуките или сè уште не се комплетирани сите барања за надоместоци од одбраната. Меѓу предметите што застареа изминатиот период поради измените на КЗ се „Маџар Телеком“ кој се судеше повеке од една деценија, масовното прислушкување „Таргет Тврдина“, „Топлик“ и дел од „Моќник“, „Змиско око“ кој во судница влезе во 2007 година, но и други предмети кои јавноста не ги следеше, но се однесуваа на делата злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување кои со измените на КЗ драстично се скрати времето застарување.
„Судот при одлучување и на останатите барања ќе се води согласно реално прикажаните трошоци на одбраната поткрепени со соодветни докази имајќи предвид дека се работи за даночни обврзници и пред се заштита на Буџетот на РСМ имајќи го предвиде член 106 од ЗКП“, информираат од Кривичниот суд. Застарувањата и одложувањата на предметите од СЈО и измените на КЗ посочени како една од главните причини за загриженост на ЕК која констатираше дека нема напредок во борбата со корупцијата. И во извештајот на „Транспаренси“ за индексот на перцепција на корупцијата беа наречени недемократски измени кои не се од помош во борбата со корупцијата.