Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во Македонија се забележува дека бројот на нови случаи за 2022 година со рак на грлото на матка изнесува 173, а бројот на починати од ова заболување бил 66. Во период од 10 години, односно од 2012 до 2022 година, просечната инциденца за ова заболување била 9,2 на 100.000 жени, или околу 170 нови случаи секоја година, што го прави ракот на грлото на матката шестото најчесто малигно заболување кај жените. Јануари е месец посветен на подигнување на свеста за рак на грлото на матката – еден од најчестите и најпревентабилни видови рак кај жените. Од мај минатата година, ХПВ вакцината е задолжителна за девојчињата и за момчињата од 12 до 18 годишна возраст и за нив истата е бесплатна. Како што вели проф. д-р Александра Грозданова, опфатот на вакцинирани момчиња и девојчиња за првите 6 месеци од 2024 година е 58,8 отсто.
„Деветтовалентната вакцина е достапна од мај лани. За опфатот за цела 2024 година, ќе имаме податоци во март“, вели Грозданова. Од 2009 година, вакцината е воведена во редовниот календар за имунизација. До лани во мај, се користеше четиривалентната вакцина, а потоа се воведе деветтовалентната, со што се зголемува ефикасноста на вакцината. Таа е задолжителна и за момчињата на возраст над 12 години, со можност истата да ја примат до 18 години, односно до завршување на средното училиште. Девојчињата од 12 до 15 години примаат две дози, а постарите, од 15 до 18 години, примаат три дози.
„Со ова значително ќе се влијае на трансмисијата на инфекцијата ќе се обезбеди поголема заштита на ХПВ асоцираните заболувања“, објасни Грозданова. Ракот на грлото на матката се развива бавно, што овозможува рано откривање преку редовни гинеколошки прегледи и скрининг тестови, како што е ПАП-тестот и тестирањето за хуман папилома вирус (HPV). Главниот причинител за рак на грло на матка е инфекцијата со HPV, вирус кој се пренесува по сексуален пат. Иако повеќето HPV инфекции се безопасни и спонтано исчезнуваат, некои типови на вирусот можат да доведат до појава на преканцерозни промени или рак (тоа се HPV 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58 и 59).
Покрај хуманиот папилома вирус (HPV) како најчест предизвикувач, други фактори кои го зголемуваат ризикот за развој на ова заболување се: Ран почеток на сексуални односи, повеќе сексуални партнери, слаб имунолошки систем, намалената способност на организмот да се бори со инфекции го зголемува ризикот, пушење. Вакцинација против HPV е најефикасниот начин за превенција од болеста.
„Вакцината се препорачува за девојчиња и момчиња уште од рана возраст. Редовни скрининг прегледи, жените треба редовно да прават ПАП-тест и HPV-тест согласно препораките на лекарот. Безбедни сексуални практики, употребата на заштита го намалува ризикот од HPV инфекција“, се додава во соопштението. Во раните фази, овој рак често нема симптоми. Но, напреднатите фази може да предизвикаат абнормално вагинално крварење помеѓу циклус, после менопауза или по сексуален однос, болка за време на сексуален однос, болка во грбот, нозете или карлицата, необичен вагинален исцедок со интензивна непријатна миризба, губење на телесна тежина, апетит проследени со слабост и малаксаност, отоци на нозете.
Раното откривање и навременото лекување значително ги зголемуваат шансите за излекување. ПАП-тест (Папаниколау тест) е брз и безболен. Земениот примерок од клетките на грлото на матката се анализира за да се откријат промени кои може да водат кон рак. HPV-тестот го открива присуството на високоризични типови на хуман папилома вирус кои се поврзуваат со рак. Редовното извршување на овие тестови, според националните и светските препораки, е клучно за рано откривање на преканцерозни промени. Вакцината против HPV е препорачана за девојчиња и момчиња од 9 до 14 години, пред почетокот на сексуалната активност. Лица до 26 години кои не се вакцинирани во детството. HPV вакцината е безбедна и ефикасна, и драматично го намалува ризикот од развој на рак на грлото на матката и други HPV-поврзани заболувања.