Газдата на компанијата ,,Пуцко Петрол” Асмир Јахоски нуди 2 милиони евра кауција за да излезе од притвор, тврдат извори во правосудниот систем упатени во случајот објавува порталот ехпрес мк. Според изворите на порталот во четвртокот одбраната на Јахоски кој е син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски понудила објекти со вредност од 2 милиони евра во обид судот да дозволи Асмир во предметот вреден над 160 милиони евра да се брани од слобода. За одлуката формално утре треба да одлучат тројца судии од Кривичниот суд во Скопје кои треба да проценат дали Јахоски чие богатство се проценува на десетици милиони евра, треба да биде пуштен дома.
Тројцата судии треба да дадат соодветна правна анализа дали пет недели откако на Асмир Јахоски му беше даден затворски притвор поради опасност да избега или да влијае на сведоци, сега може да се брани од слобода. Еден од 13 осомничени за набавка на токсичен мазут за ТЕЦ Неготино Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, очекува утре да излезе од притвор. Извори во Јавното обвинителство за организиран криминал и во скопскиот кривичен суд за expres.mk тврдат дека за членови на неговото семејство и во ДУИ ова е завршена работа. Јахоски операцијата за излегување од притвор ја започнал преку неговите адвокати пред четири дена на ,,Велики четврток” кога до судот било поднесено барање за прекин на притвор и пуштање на слобода. Сега изворите тврдат дека откако Абази дал мислење дека Јахоски треба да биде пуштен на слобода Кривичниот суд Скопје утре ќе одлучи за пуштање на синот на пратеникот на ДУИ од затворот во Шутка.
Шефот на Обвинителството за организиран криминал Ислам Абази беше избран за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 2022 година. Сомнежите за негова блискост со раководството на ДУИ ги подгреаја фотографиите на Абази со неговиот соселанец Али Ахмети од Зајас, како и со други функционери на ДУИ. Обвинителството на почетокот на процесот побара притвор за петмина осомничени за спорните набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, од кои поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски е во бегство. Од останатите четворица, тројца завршија во Шутка – сопствениците на РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот секторски директор во ЕСМ Ардијан Муча, а Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ доби домашен па потоа затворски притвор. Истрага за тендерите за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино од 2021 до 2023 во вредност од 167 милиони евра беше отворена против 13 лица и една фирма.