Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан Бајрам, во Дебарско наголемо се продаваат овни и овци – традиционалното обележје на празникот кој се одбележува во петок, 6 јуни. Според Скендер Аме, еден од најпознатите сточари и поранешен претседател на здружението на сточари „Даши“, во кое членуваат сточари од општините Дебар и Центар Жупа, годинава за продажба се околу 2.500 грла овни и овци.
-Во тек е продажбата, но, можам да кажам дека и понудата и интересот се помали од минатиот празник. Годинава за продажба имаме околу две и пол илјади грла, а едно грло го продаваме од 130 до 250 евра, што зависи од возраста на добитокот и тежината. До денеска претпладнево имаме продадено околу две илјади, вели Аме за МИА. Освен дебрани, купувачи се и жителите од долнореканските села, од општината Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар. Курбанот, според верниците, се коле првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.
Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот. Од земјава на аџилак оваа година заминаа 2.020 верници, од нив 84 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше. Како што информираше дебарското муфтиство, аџиите од овој крај се во добра состојба и редовно ги извршуваат сите верски обреди.