Мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите. Од 34 општини со седиште во град, генералните урбанистички планови на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, се вели во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според ревизорите, постои масовната урбанизација на просторот, долги постапки за донесување на урбанистички планови, недонесени годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирање на урбанистички планови од приватни лица, неизрекување на глоби спрема прекршителите… Сето ова придонесува да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите.
Ревизорите утврдиле дека во општините паралелно се водат и одржуваат два информациски системи кои не ги споделуваат во целост податоците во Национална инфраструктура на просторни податоци. „Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Зелен катастар во форма на ГИС1 портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото. Ова укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво“, забележува ДЗР. „Снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина“, потенцираат од ДЗР.
View this post on Instagram