„Јас не знаев дека сум толку јак да обединам цела опозиција да застане зад мене, а власта да се плаши и да сака да ми „ја скине главата“. Не ги биравме, не ги плаќаме да работат спротивно на интересите на работниците“, рече на прес конференција претседателот на Созјузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов одговарајќи на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е во координација со СДСМ, ДУИ и Левица околу барањата за минималната плата.
Трендафилов вели дека во ниту една демократија, туку само во случаи како Белорусија, власта политички ја напаѓа синдикалната организација само затоа што побарала минимална плата да се зголеми на 500 евра. Во моментов, според Трендафилов, партиски потрчковци во улога на раководители вршат притисоци над вработените во министерствата, јавните претпријатија и општините. Им се давале пристапници да се приклучат во нерелевантни паралелни синдикални организации.
„Со наредби на нивните директори, раководители и шефови полтрони да прават упади во синдикалните организации и да го наметнат КСС (Конфедерација на слободни синдикати) наместо ССМ, за да нема зголемување, на минималната плата и да се прифатат 24.400 денари“, рече Трендафилов.
Тој рече дека за ова ќе бидат известени Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати, а донесена е и одлука седниците на ССМ да се одржуваат на отворено пред Владата и работодавачите.
„ССМ очекуваше Владата да има разбирање, меѓутоа тоа што го добивме се ниски напади од ВМРО-ДПМНЕ, што е недопустливо во демократско општество“, додаде Трендафилов кој рече дека власта во моментов бара синдикален партнер „по мерка“ и сака да го исклучи ССМ од Економско-социјалниот совет.
Тој рече дека најверојатно на 2 и 7 април и на 2 мај ќе се одржи предупредувачки протест.