Не само што граѓаните на Прилеп сведочат на уште една изборна лага на ДПМНЕ и Борче Јовчески, туку вчерашната седница го потврди хаосот кој владее во партијата на власт. Имено, Бранко Нешкоски, директор на ЈП за просторни и урбанистички планови во чија сопственост ќе бидат минибусите, од говорницата тврдеше дека нема да биде прифатена донација на возила произведени пред 2013 година. Или конкретно, дека минибусите кои ќе служат за превоз на ученици од населените места нема да бидат постари од 12 години.
Истовремено, во материјалите доставени до советниците на кои стојат имињата на градоначалникот Борче Јовчески и претседателката на Совет, Ирена Стерјовска Локвенец, јасно пишува дека донацијата од страна на ДТУ УНИПРОМЕТ НМ ДООЕЛ-Скопје се состои од минибуси произведени во 2006, 2007 и 2008 година! Што ќе рече дека истите се стари 17, 18 и 19 години! Ваков скандал, ваква неусогласеност и отсуство на елементарна координација на првите луѓе на нашата општина, прилепчани не паметат! Но, она што за граѓаните е поважно од разногласието во ДПМНЕ, е прашањето за безбедноста на учениците кои ќе се возат во две децении старите возила.
Признанието на Нешкоски дека возилата воопшто ги немаат видено и дека не знаат во каква состојба се наоѓаат, сериозно ја наметнува дилемата дали минибусите ги исполнуваат техничките и безбедносни стандарди за превоз на ученици? Дали и кој од функционерите од локалната власт на ДПМНЕ, може да им гарантира на родителите на учениците од населените места во општина Прилеп, дека нивните деца безбедно ќе патуваат до училиштето и назад? Градоначалникот Јовчески и директорот Нешкоски имаат обврска да ја расчистат дилемата кои минибуси ќе бидат примени како донација – оние со просечна старост од 18 години, како што стои во Одлуката за прифаќање на донацијата, или некои сосема трети?