Поранешниот министер за економија и актуелен амбасадор на Северна Македонија во Норвешка Дритон Кучи на социјалните мрежи се огласи откако бил информиран дека претставници на МВР биле во неговиот дом со покана за информативен разговор, откако во јавноста беше објавено дека тој и други поранешни министри за економија се приведени или под сомнение за пожарот во Кочани.
„Денес семејството ме информираше дека претставници на Министерството за внатрешни работи биле во мојот дом во Скопје, барајќи информативна средба. Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа, и стоев исправен дури и кога се чувствував сам.
Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата!“, објави на ФБ поранешниот министер за економија.