Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, одговарајќи на новинарско прашење кажа дека не е точно оти има некаков договор со министерот за здравство и коалициски партнер на ВЛЕН, Арбен Таравари.
„Со Арбен Таравари нема договор, тоа е нивна внатрешна работа. Сами одлучуваат за својата иднина, дали сакаат да бидат сервис и слуга на оние што ги газат правата на Албанците. Нека останат таму каде што се. Јас им упатив јавна покана на ВЛЕН да ги напуштат институциите затоа што ние не сме резервна гума, да си одат тие и да ги замениме ние. ДУИ не може да се користи како сервис во рацете на Христијан Мицкоски или во рацете на секој што мисли Албанците да ги претвори во вазал. Ако некој е регрутиран и ако некој е навикнат да биде нечиј вазал, ДУИ не доаѓа од телевизиските екрани како политичка сила, туку произлезе од една војна и отпор за изедначување на Албанците во својата земја“,изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ. Ахмети додаде дека албанското прашање во државава е деградирано и дека сограѓаните Македонци не треба да се гордеат што успеаја да ги победат Албанците институционално.

„Јас можам да зборувам затоа што гледам дека албанскато прашање е деградирано и дека албанското мислење во Македонија е дека Албанците се во иста ситуација како пред 2001 година. И ова не сакам да го слушнам од Албанците бидејќи ова е многу ризично. Многу е разочарувачки како се одвивале досега работите. Јас гледам тоа што гледам, односно Албанците изгубија важни позиции во државата и нашите сограѓани Македонци не треба да се гордеат што успеаја да ги победат Албанците институционално, затоа што секој пораз на Албанците институционално предизвикува нови ситуации во држава. Албанците не се кираџии во својата земја, туку живеат во својата земја и сакаат да владеат заедно со нивните сограѓани Македонци. Оваа држава не е туѓа. И наша е. Не дозволуваме да газат по достигнувањата на Албанците, не дозволуваме да се замати Охридскиот договор, не дозволуваме крвта на нашите браќа да оди залудна. Крвта што беше пролеана беше пролеана за еднаквост на Албанците во нивната земја”,изјави Али Ахмети.
Средбата на Бегај и Ахмети се случи во Софија, каде што се одржува безбедносен форум за безбедноста на Балканот, кој е под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев и кралот на Јордан, Абдула II. Според фејсбук-профилот на Бегај, албанскиот претседател се сретнал и со делегација на ДУИ, но и со претставници на ВЛЕН. Можеби е и само случајност, но на една фотографија Бегај е фотографиран со вицепремиерот Изет Меџити и собранискиот спикер Африм Гаши, кои се двајца од четирите лидери на ВЛЕН. Средбата на албанскиот претседател со Арбен Таравари се чини дека е остварена засебно.

