Глутници кучиња господарат со улици на Битола
По повод барањето на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ветеринарите да не третираат кучиња без доказ за нивното потекло, реагираше граѓанската организација Бездомни животни без граници, нарекувајќи ја лицемерна и игнорантна решителноста да се саботира секој труд од страна на граѓаните, активистите и здруженијата поврзан со намалување на популацијата на бездомни животни.
– Со цел пошироката јавност да ја добие целосна слика за апсурдот во изјавите на Агенцијата за храна и ветеринарство, ги образложуваме јавно достапните информации, кои агенцијата ги изостави во своите изјави.
Активистите и здруженијата за заштита на животните, со години наназад се во функција на системот, кој несомнено институционално потфрла во решавањето на овој проблем.
Потфрла, токму поради тоа што оние чијашто надлежност е решавањето на овој проблем и за која се платени од граѓаните, одбиваат да работат во таа насока и да соработуваат со активистите и здруженијата. Не само што одбиваат да работат и соработуваат, туку и во континуитет ја опструираат работата на овие поединци преку петкратно покачување на цените за издавање на сертификати за промена на сопствеништво, кои пак најчесто ги користат активистите и здруженијата во процесот на вдомување на бездомните животни.
Па наместо 120 денари, сега плаќаат 600 денари за оваа услуга.
Фасцинира игнорантноста на Агенцијата за храна и ветеринарство која се провлекува во посочувањата и слободното толкување на Законот за заштита и благосостојба на животните, велејќи дека општините се надлежни за собирање на бездомните животни, а не активистите, па оттука сите бездомни животни треба да се пријавуваат во одобрено прифатилиште за натамошен третман. Каде е нелогичноста во оваа изјава?
Според официјалните податоци достапни на веб-страницата на АХВ, во регистарот на одобрени прифатилишта фигурираат вкупно 18 прифатилишта со вкупен капацитет од 453 кучиња. Од 18 прифатилишта, 4 се регистрирани на територија на Град Скопје, со вкупен капацитет за третирање на 211 кучиња или безмалку половина од капацитетот на државно ниво. Ова укажува на тоа дека остатокот од државата има сериозен недостиг на капацитети за справување со бездомната популација на животни. Понатаму, постоењето на прифатилишта не значи ништо во контекст на третирањето на бездомни животни.
Доколку едно прифатилиште нема договор со одредена општина (преку пат на јавна набавка), истото не може да дава никакви услуги за третирање и згрижување на бездомни животни, бидејќи нема кој да плати за тие услуги. Во моментот, од вкупно 70 општини (со исклучок на Град Скопје, кој го опслужува ЈП Лајка) во државата, само 22 имаат склучено договор со дел од овие прифатилишта за заловување и третирање на бездомни животни (податоците се преземени од системот за е-набавки). Дополнително, дел од договорите се склучени на суми кои покриваат третирање на ограничен (и многу
мал) број на животни, а прифатилиштата смеат да постапуваат само по претходен издаден налог од општината, за конкретна бројка на животни, на конкретна локација.
Сметаме дека Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните е должна да ги поседува овие информации, должна е да контролира дали општините ги спроведуваат своите одговорности, должна е да врши контрола за исполнетоста на минималните законски услови во прифатилиштата (а голем дел од истите не ги исполнуваат и покрај добиеното одобрение за работа) и должна е да ја има целосната слика за тоа со какви проблеми се соочуваат граѓаните и животните, пред да дава изјави со кои ги ограничува граѓаните да дејствуваат во отсуство на системски функционално решение.
За жал, сите постапки од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат дека истата не ги познава воопшто состојбите на терен, нема никакви научни истражувања врз кои ги базира своите укази, нема стратегија за дејствување и справување со незаинтересираноста на општините да сносат одговорност и да ги почитуваат законските обврски, но и тоа како имаат стратегија за да ги опструираат напорите на граѓаните кои го решаваат проблемот на терен со сопствени средства и покрај тоа што за овие услуги и плаќаат на државата, општините, агенцијата преку даноци за да ги спроведуваат своите законски надлежности. Па оттука повторно го поставуваме со години неодговореното прашање:Кому му одговара да има кучиња на улица?- стои во реакцијата.