Само со инвестирање во ветерни, хидро, соларни и биогасни електрани ќе се добива стабилно производство на електрична енергија за да избегнеме проблеми на дебаланс на енергија и како последица – повисоки цени на електрична енергија
Електрична енергија, но и природно ѓубриво за земјоделците ќе продуцира биогасната eлектрана Сарамзалино во Општина Лозово, која се очекува да почне со работа до крајот на годината. Освен што централата е еден позитивен пример за добивање енергија, во компанијата „Фероинвест“ со гордост велат дека проектот е доверен на млади луѓе што успешно ја градат својата кариера во оваа земја.
Арти Ќормемети е машински инженер во „Фероинвест“, кој вели дека неговата работа е секојдневен предизвик и дека се надева дека БЕ Сарамзалино ќе биде само првиот од неговите предизвици во инженерската сфера во Македонија.
СП: Вие сте одговорен за биогасната електрана Сарамзалино. Кога можеме да го очекуваме нејзиното пуштање, колкав инсталиран капацитет има и колку домаќинства може да опслужи?
Арти Ќормемети – Во овој момент заедно со колегите инженери и техничари од „Фероинвест“ и EMS (Energy Maintenance Solutions) сме во фаза на пуштање на биогасната електрана Сарамзалино. Станува збор за комплициран и долг процес на стартување на биолошкиот процес на електраната и се надеваме дека ќе имаме полно производство пред крајот на годината. БЕ Сарамзалино има електричен капацитет од 2 MW, што може да опслужи околу 3.000 просечни домаќинства. Освен електричната енергија, како нуспроизвод на процесот се околу 30.000 тони природно ѓубриво што може да се користат во земјоделието во регионот на Овче Поле и пошироко. Исто така се добиваат 2.1 MW топлинска енергија, која планираме во иднина да ја користиме за земјоделски намени во околината на електраната. БЕ Сарамзалино е голем комплекс на објекти, кој се надеваме ќе биде успешна приказна во енергетскиот и земјоделскиот сектор во Македонија. Објектот е плод на долгогодишна работа на голем број луѓе во „Фероинвест“ и ми преставува чест да бидам дел од тимот што гради ваков значаен објект и тоа со целосно наши инженерски и работни капацитети.
СП: Какви предности ги нудат биогасните централи?
Арти Ќормемети – Биогасните централи се основаат на целосно природни биолошки процеси за разградување органски отпад, со цел за добивање топлинска и електрична енергија. Целиот процес се одвива во затворени кругови. Дел од топлинската енергија се користи за биолошкиот процес, додека нуспроизвод на целиот материјал што се разградува е течно и суво природно ѓубриво, кое е многу хранливо за земјоделските површини. Освен што произведуваме стабилна електрична енергија, исто така вршиме и процесирање на секаков вид органски отпад, кој во друг случај би се разградил во отворени депонии или би завршил во нашите реки. Биогасните електрани се одличен начин на справување со органски отпад од секаков вид, без разлика дали е од комунално, земјоделско или индустриско потекло. Биогасните електрани во западните европски земји како Германија, Франција и Велика Британија целосно се справуваат со органскиот отпад. „Фероинвест“ ја гради БЕ Сарамзалино, која ќе може да се справува со дури 40.000 тони органски отпад годишно.
СП: Како гледате на иднината на алтернативните извори на енергија и какви предуслови има во Македонија тие да се развиваат?
Арти Ќормемети – Алтернативните и обновливите извори на енергија се единствениот пат не само кон почистa и поздрава околина без фосилни горива, туку се и императив за посигурна енергетска иднина за нашата мала земја. Мислам дека има голем простор, но и огромен потенцијал за поголемо поттикнување државни и приватни инвестиции во обновливите извори, со посебна нагласеност на инвестициите на домаќинствата за производство на чиста енергија и за подобрување на енергетската ефикасност на нашите живеалишта. Државата мора да биде во тек со бизнисите за обезбедување подобри административни и финансиски услови за инвестиции, особено во денешната енергетска криза. Тоа што е важно во овој момент, по мое мислење, е државата да има долгорочна стратегија за интегрирање на обновливите извори во нашата енергетска мрежа, за да може паметно да се инвестира во повеќе видови обновливи извори, не само на еден. Само со инвестирање во ветерни, хидро, соларни и биогасни електрани ќе се добива стабилно производство на електрична енергија за да избегнеме проблеми на дебаланс на енергија и како последица – повисоки цени на електрична енергија. Институциите имаат обврска да ги насочат инвестициите таму каде што е долгорочно потребно, не само таму каде што диктира пазарот.
СП: Во 2016 година како студент на Машинскиот факултет во Скопје, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижна инженерска награда во Македонија. За жал, успешните студенти набргу си заминуваат од земјава. Задоволен ли сте од овдешната кариера што ја градите?
Арти Ќормемети – Мислам дека морална обврска на државните институции, приватните фирми, но и на сите нас е да обезбедиме услови за добрите студенти да останат и да градат кариери овде. Сите ние треба да ги вреднуваме за тоа што се и да се надеваме дека ќе изберат да работат и живеат овде сѐ повеќе. Приватните фирми особено треба да веруваат и да инвестираат во тие млади за да може тие да им вратат не само ним, туку и на целата заедница. Јас сум привилегиран со тоа што работам во групацијата „Фероинвест“, компанија што знае да ги препознае и да ги вреднува младите инженери. Мојата работа овде е секојдневен предизвик, каде што учам нови нешта од многу области во секој чекор и тоа е нешто што ме исполнува. Сакам секогаш да бидам надвор од мојата удобна зона, секогаш да бидам незадоволен од моите знаења и способности, и да напредувам постепено, но сигурно. Се надевам дека БЕ Сарамзалино ќе биде само првиот од моите предизвици во инженерската сфера во Македонија.