Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денес, во Катана, Република Италија, како претставник од Република Македонија, за прв пат претседавеше со сесија на Светската организација за здравствена заштита на животните
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денес, во Катана, Република Италија, како претставник од Република Македонија, за прв пат претседавеше со сесија на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), – Анализа на здравствената состојба кај животните во Европа во 2021/2022 година, што претставува своевидно признание за активната вклученост на државава на полето на здравствената заштита на животните и на посветеноста и професионалноста во работењето на вработените во Агенцијата за храна и ветеринарство.
На триесеттата конференција на (WOAH) која се одржува од 3 до 7 октомври, акцент во дискусиите ставен е на темите од областа на благосостојбата на животните, официјалните контроли, концептот “Едно здравје” и неговата операционализација во Европа, условите за превоз на животни на долги релации, како и темата посветена на дигитализацијата на ветеринарните услуги.
Посебен акцент на конференцијата е ставен на исклучително важната тема за се поактуелната состојба со болеста Африканска чума кај свињите во европски и светски рамки, како болест која предизвикува огромни загуби во свињарството. Оваа и темата за успешноста на вакцинацијата против птичји грип, на конференцијата предизвикаа исклучително големо внимание кај учесниците, како актуелни области од здравствената заштита на животните со кои се бори Европа и светот и за кои се бараат нови, соодветни решенија за справување.