Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера беше на увид на проект во општина Бутел.
На настанот не беше присутен градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со што продолжи праксата градоначалниците од оваа партија да ги бојкотираат настаните на Арсовска.
Претходно Арсовска сама вршеше увид во проекти во општина Гази Баба и Ѓорче Петров, без да биде придружувана од градоначалниците на овие општини.
И додека Арсовска и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се препукуваат, граѓаните на социјалните мрежи се почесто го објавуваат своето незадоволство од работата на локалната и градската власт, а како најчести проблеми ги издвојуваат нечистотијата, сообраќајниот хаос но и нефункционалноста на локалните институции.
Град Скопје е специфична единица на локалната самоуправа со испреплетени ингеренции со скопските општини, па немањето комуникација помеѓу градоначалниците на општините и градоначалничката на Градот сигурно дека го нарушуваат нормалното функционирање и сето тоа на крајот оди на штета на граѓаните.