Јас и Дамјан имаме дислексија, напиша на социјалната мрежа Фејсбук градоначалникот на град Велес, Марко Колев зборувајќи искрено за проблемот со кој се соочува.
„Денешниот час по македонски јазик во VI-5 одделение во ООУ “Васил Главинов” за мене беше потсетување на минатото и уште едно соочување со состојбата за која недоволно говориме – дислексијата. Како човек кој има дислексија денес го поминав часот со мојот нов пријател Дамјан со кого заедно читавме, пишувавме и се охрабривме дека не сме сами.
Дислексијата е состојба која предизвикува потешкотии во читањето и околу 10-15% од децата во Македонија се соочуваат со неа, а не ретко се и дискриминирани без да знаат зошто.
Денешниот час е само мал поттик до сите нас, и мали и големи, да ја подигнеме свеста и да ги прифатиме разликите помеѓу нас“, стои во објавата на градоначалникот на Велес, Колев.