Кавадарци и Буча од денеска се збратимени градови. Договорот за збратимување го потпишаа градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев и заменик градоначалникот на Буча, Шепетко Серхи за време на денешната посета на украинската делегација на Кавадарци во чиј состав беше и амбасадорката на Украина во Македонија, Лариса Дир.
Буча се наоѓа во областа Киев во Украина. Градот се најде во фокусот на светското внимание во март оваа година, поради откривањето на масовни гробници со 458 тела, откако украинските сили ги принудија руските да се повлечат. Но, светските медиуми и социјалните мрежи беа преплавени со фотографии и видео материјали од расфрлани човечки тела по улиците.
Масакрот во Буча наиде на силна осуда на Западот, а Меѓународниот кривичен суд започна и истрага по документираните, вкупно, 1.300 смртни случаи за време на руската окупација на градот од кои 419 со траги на насилство.