Премиерот Димитар Ковачевски смета дека не е точна перцепцијата дека Северна Македонија не реагира на провокациите од бугарска страна на ист начин како што имаше брза реакција од нашето МНР за навивањето на вчерашниот натпревар во Скопје помеѓу фудбалските репрезентации на двете земји.
„Не е точно дека не сме реагирале, секогаш реагираме кога има дејства што нарушуваат углед по која било основа. МНР вчера реагираше, исто така реагиравме и при еден друг натпревар во кој играа репрезентациите. Меѓутоа, сепак, сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат и противниците, тоа важи за нас, а секако и за противниците“ изјави денеска Ковачевски.
За исвиркувањето на бугарската химна, скандирањето „Бугари – Татари“ и други навреди утрово МНР излезе со осуда на, како што рекоа, говорот на омраза.
Реакции стигнуваат и од лидерите на бугарските партии. Поранешниот премиер и претседател на ГЕРБ, Бојко Борисов, рече дека со ваквите постапки „соседите од Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности“.