Либерално–демократската партија го поздравува позитивниот тон во извештајот на Европската комисија во однос на посветеноста на властите на ЕУ агендата, со оглед на тоа дека имавме пробив во јули во однос на процесот на отворање на преговорите и формален почеток на скрининг процесот, соопштија од партијата.
– Она што е важно е дека имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика со ЕУ, а ова е прв извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19-ти јули годинава, додаваат од ЛДП.
Тие потенцираат дека е голем напредок што Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји презентирајќи го извештајот, кажа дека Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи и оти ова е пробив за земјата.
– Заеднички и брзи напори се неопходни од сите партии со цел приоритет да се даде на зајакнатата улога на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено во процесот на реформската агенда на ЕУ, додаваат од ЛДП.
Според нив постојат уште предизвици во напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, реформите на јавната администрација, реформите во управувањето со јавните финансии, во превенцијата и борбата против корупцијата.
Северна Македонија, стои во документот, има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата, слободата на изразување, како и транспарентноста, но дека овој извештај е патоказ за политичарите во Северна Македонија кој треба да го следат до целта, а тоа е членството во ЕУ.