Припадниците од исламска вероисповед денеска го празнуваат празникот Рамазан Бајрам. Овој празник го означи крајот на триесетдневниот пост од утро до мрак, во кој секој муслиман покрај од храната и пијалакот, се откажува и од лоши мисли и дела, посветувајќи се на молитва и на духовност. Рамазан, како еден од столбовите на исламот, е месец на добрина, милост, љубов и простување.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова испрати честитка по повод празникот, со пораки за сплотеност и благосостојба. „Живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти. Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава“, напиша претседателката Гордана Силјановска. Извор: Новинска агенција МЕТА