Потрошувачите во Германија треба да бидат особено внимателни, откако компанијата Maggi објави дека повлекува од пазарот одредени серии од производот „Maggi 5-минутна супа од брокули“ (Maggi „5 Minuten Terrine“ Broccoli-Nudeltopf), бидејќи постои ризик дека во пакувањата може да има метални делови. Металните делови претставуваат сериозен ризик од повреди на устата, хранопроводот или гастроинтестиналниот тракт, поради што потрошувачите не смеат да го консумираат овој производ. Производите опфатени со ова предупредување се продаваат во пластична чаша и се означени со следните броеви на серии и рокови на употреба (MHD):
50590703K, 02.2026
50770703K, 03.2026
50530703K, 02.2026
50520703K, 02.2026
50550703K, 02.2026
50540703K, 02.2026
Компанијата Maggi ги повикува сите купувачи кои ги поседуваат наведените производи веднаш да престанат да ги користат и да ги вратат во продавниците, каде ќе добијат целосна рефундација на сумата без потреба од приложување на фискална сметка. Засега нема известување преку Системот за брзо известување за небезбедена храна и храна за животни – (RASSF) на ЕУ дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни супи, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА. АХВ, како што наведува, ја следи состојбата со повлекувањето супи во Германија и доколку добие известување преку овој систем, навремено ќе преземе мерки за евентуално повлекување на производи.
-До овој момент Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување преку Системот за брзо известување за небезбедена храна и храна за животни – (RASSF) на ЕУ дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни супи, нагласува АХВ.
Во текот на вчерашниот ден некои медиуми објавија дека Германија повлекува серии готови супи на познат бренд поради можност за присуство на метални делови.