Познати се групите за квалификациите за Европското првенство во фудбал што ќе се одржи за две години во Германија. Македонија немаше среќа во жрепката и е дел од Ц групата во која конкуренцијата е најтешка за пласман на континенталниот шампионат.
Финалистите од последниот шампионат, Италија и Англија, противникот од фазата по групи од нашиот дебитантски настап на Европското првенство, Украина и селекцијата на Малта се нашите противници во Ц групата.
Квалитетот на селекциите кои се најдоа во првите два сада не даваат голема надеж дека Македонија ќе успее да биде дел од уште едно големо натпреварување, а дополнителна јачина на групата дава и селекцијата на Украина која е противник од третиот квалитативен сад.
Сите четири репрезентации кои се дел од Ц групата се апсолутни фаворити во соочувањата со Малта.
Пласман на континенталниот шампионат обезбедуваат двете првопласирани од секоја група, а новиот циклус на квалификации почнува во март следната година и завршуваат во ноември.