Овие луѓе не се созреале да бидат Европејци, порача лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, мислејќи на граѓаните на Северна Македонија во реакција за синоќешното исвиркување на бугарската химна и скандирањето „Бугари – Татари“ на фудбалскиот натпревар помеѓу македонската и бугарската репрезентација во Скопје.
Добро е, вели таа, што нејзината партија во бугарскиот парламент не го поддржала предлогот за старт на преговорите на земјава со ЕУ, како и тоа што на почетокот на годинава ја откажала посетата на Скопје бидејќи претседателот Стево Пендаровски имаше средба со претставниците на македонското здружение во Бугарија „ОМО Илинден“.
„Она што се случи вчера на фудбалскиот натпревар меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е срамота и неприфатливо. Навредата на бугарската химна и скандирањето ’Бугари – Татари‘ покажува само едно – овие луѓе не созреале да бидат Европејци. Не жалам што како министер за економија и индустрија одбив да ја предводам бугарската делегација на билатерална средба во Скопје, по средбата што ја имаше претседателот Пендаровски со ‘ОМО Илинден‘. Коректна беше и одлуката на БСП да не ја поддржи одлуката на Народното собрание да даде зелено светло за нивен прием во ЕУ. Честитки за достоинственото однесување на нашите играчи и за победата -вели Нинова.